
Рејчел Агата Кин (англ. Rachel Agatha Keen; родена на 24 октомври 1997 во Лондон), професионално позната како Raye ― англиска пејачка, текстописец и раперка. Станала позната по нејзините соработки во песните „By Your Side“ со Џонас Блу, „You Don't Know Me“ со Џекс Џонс, „Secrets“ со Regard и „Bed“ со Џоел Кори и Дејвид Гета. Исто така, привлекла внимание од медиумите по нејзиното заминување од Polydor Records, откако издавачката куќа наводно одбила да го издаде нејзиниот прв албум.
Во февруари 2023 година, го издала нејзиниот прв студиски албум, My 21st Century Blues, и добила позитивни критики. За албумот, во 2024 година освоила шест Британски музички награди меѓу кои и награда за „Британски албум на годината“. Синглот од албумот, „Escapism“, станал вирален на TikTok и била нејзина прва песна која се искачила на прво место на британската топ-листа за синглови и прва нејзина песна која се пласирала на Billboard Hot 100.
Raye напишала песни и за други изведувачи, како: Бијонсе, Little Mix, Давид Гета, Џон Леџенд и Ели Голдинг.
Живот и кариера
Рејчел Агата Кин била родена на 24 октомври 1997 година во лондонската населба Тутинг. Нејзината мајка е Швајцарка по потекло од Гана, а татко ѝ е Англичанец. Како дете присуствувала и пеела госпел-песни во црквата во која татко ѝ бил музички директор, а мајка ѝ пеела во хорот. Подоцна, се преселила во Кројдон, каде посетувала средно училиште и го посетувала училиштето БРИТ. Кин, во студиски сесии за време на викендите во своите тинејџерски години учела како професионално да пишува песни.
2014–2019: Почетоци на кариерата и пробив
Во декември 2014 година Raye го објавила нејзиното прво EP, Welcome to the Winter. Raye ги објавила песните „Flowers“ и „Alien“ во февруари и април 2015 година, соодветно, а втората била соработка со лондонскиот рапер Авелино.
Во август 2016 година, Raye го издала својот втор EP, Second. Raye пеела во песната на Џонас Блу „By Your Side“ која била објавена во октомври 2016 година и се искачила на 15-то место на UK Singles Chart. Таа, исто така, се појавила на синглот на Џекс Џонс „You Don't Know Me“ во декември 2016 година. Песната, ко-напишана од самата Raye, се искачиla на третото место на топ-листата за синглови во Обединетото Кралство и е сертифицирана како двојно платинеста од страна на BPI.
Во февруари 2018 година, Raye ја издала песната насловена како „Cigarette“ (со Мејбел и Стефлон Дон). Песната се искачила на 41-то место на топ-листата за синглови во Обединетото Кралство. Во мај 2018 година, Raye го објавила својот трет EP насловен како Side Tape. Во октомври 2018 година, Raye ја започнала својата турнеја, и посетила низа градови низ ОК и Ирска.
Raye соработувала со Дејвид Гета за синглот „Stay (Don't Go Away)“, објавен во мај 2019 година и се искачил на 41-то место на топ-листата за синглови во Велика Британија. Било објавено дека Raye е ко-текстописец на песната „Bigger“ од американската пејачка Бијонсе, која била вклучена на саундтрак албумот The Lion King: The Gift, објавен во јули 2019 година.
2020–2021: Заминување од Полидор
Нејзината соработката со диџејот Regard во песната под наслов „Secrets“ била објавена во април 2020 година. Песната се искачила на шесто место на топ-листата за синглови во Обединетото Кралство и на прво место на денс листата во Велика Британија. Песната, исто така, се нашла меѓу првите десет во Ирска и Шкотска, како и на американската листа за денс/електронски песни од Билборд. „Secrets“ се нашла на топ листите во многу други земји како Холандија, Франција и Германија.
Во ноември 2020 година, Raye го издала мини-албумот Euphoric Sad Songs, во кој биле вклучени и некои претходни песни „Love Me Again“, „Please Don't Touch“, „Secrets“ и „Natalie Don't“ како и новите песни „Love of Your Life“ и „Regardless“ (со Rudimental). Последната песна се нашла на топ 40 во Обединетото Кралство, како и на листата за денс/електронски песни во САД.
Песната „Bed “во соработка со Џоел Кори и Давид Гета, била објавена во февруари 2021 година. Во јуни 2021, Raye открила дека нејзината издавачка куќа, Polydor Records, неколку години го одложува нејзиниот прв студиски албум и во јули 2021 година објавила дека се разделила со Polydor и дека ќе работи како независен уметник.
2022–денес: Прв студиски албум и меѓународен успех
Во јуни 2022 година, Raye ја издала песната „Hard Out Here“, нејзино прво издание како независен уметник. Втората песна, „Black Mascara“, била објавена во август 2022 година по која во октомври 2022 година следувале песните „Escapism“ (со 070 Shake) и „The Thrill is Gone“. Сите тие песни се нашле на првиот студиски албум од Raye, My 21st Century Blues, кој бил објавен во февруари 2023 година. Песната „Escapism“ се пласирала во првите десет на UK Singles Chart, а во првата недела од 2023 година се искачила на прво место. Во Соединетите Американски Држави, „Escapism“ станала прва песна на Raye која се пласирала на топ-листата Billboard Hot 100.
Во јануари 2023 година, Raye била воведен изведувач на турнејата од Луис Капалди, Broken by Desire to Be Heavenly Sent. Во април 2023 година настапила на фестивалот Гластонбери. Во октомври 2023 година, Raye го издала My 21st Century Symphony, изведба во живо на песните од нејзиниот прв албум снимен во Ројал Алберт хол со Heritage Orchestra и со Flames Collective, госпел-хор со 30 члена.
Во март 2024 година, Raye извела микс од неколку нејзини хитови на Британските музички награди, каде што освоила шест награди од седумте номинации, вклучително и за „Музичар на годината“, при што го соборила рекордот за најмногу награди доделени на музичар во една вечер во историјата на BRIT наградите. Таа била котекстописец на песната „Riiverdance“ од Бијонсе.
Raye била најавена како воведен изведувач за Тејлор Свифт на последниот концерт од The Eras Tour на стадионот Вембли. На 13 септември Raye го издала нејзиниот втор албум во живо, „Live at Montreux Jazz Festival“. Raye била номинирана за нејзините први Греми награди во ноември 2024 година: за најдобар нов изведувач и за некласичен текстописец на годината.
Уметност
Raye во детството била под влијание на R&B, нео-соул, и инди рок-групи како Alt-J и Bombay Bicycle Club. Рекла дека се восхитува на Бијонсе, Адел, Лејди Гага, Ела Фицџералд и Нина Симон.
Надворешни врски
- Матична страница
- Raye discography at Discogs
