Ramones (се чита: Рамоунс) — американска панк-рок група основана во Њујорк во 1974 година. Иако за време на постоењето имала умерен комерцијален успех, денес групата се смета за многу влијателна во панк-културата. Многумина ja посочуваат како првиот панк-рок состав. Сите членови за презиме си го присвоиле псевдонимот Ramone (Рамоун); тие биле инспирирани од Пол Макартни, кој се најавувал во хотелите под името Пол Рамон. Тие одржале точно 2 263 концерти на бројните турнеи кои речиси без престан траеле 22 години. Во 1996 година, одржале проштален концерт во Лос Анџелес и се распаднале.
Сите четворица оригинални членови на групата починале до 2014 година: пејачот Џои Рамон (1951-2001), басистот Ди Ди Рамон (1951-2002), гитаристот Џони Рамон (1948-2004) и тапанарот Томи Рамон (1949-2014). Другите преживеани членови од Рамонс: басистот Си Џеј Рамон (кој го заменил Ди Ди во 1989 година и останал со групата до нејзиното распаѓање) и тапанарите Марки Рамон, Ричи Рамон и Елвис Рамон, и понатаму се активни во музиката.
Рамонс се наоѓаат на 26-то место на списокот од „100 најдобри музичари на сите времиња“ објавен од списанието „Ролинг Стоун“ и на 17-то место на списокот од „100 најдобри хард-рок-музичари“ според VH1. Во 2002 година, списанието Spin ги ставило Рамонс на второ место на списокот на „Најдобри групи на сите времиња“, веднаш зад Битлси. На 18 март 2002 година, основачките членови на групата и Марки Рамон, биле примени во Куќата на славата на рокенролот. Во 2011 година, групата добила Греми награда за животно дело.
Членови
Поранешни членови
- Џои Рамон (Џефри Хајман) – пејач (1974–1996), тапани (1974); починал 2001 година
- Џони Рамон (Џон Камингс) – гитари (1974–1996), придружни вокали (1981); починал 2004 година
- Ди Ди Рамон (Даглас Колвин) – бас, придружен и главен вокал (1974–1989); гитара (1974); починал 2002 година
- Томи Рамон (Томас Ердели) – тапани (1974–1978), придружен вокал (1976), продукција (1976–1978, 1984), дополнителна гитара (1976–1978); починал 2014 година
- Марки Рамон (Марк Бел) – тапани (1978–1983, 1987–1996), придружни вокали (1981)
- Ричи Рамон (Ричард Рајнхард) – тапани, придружни вокали (1983–1987)
- Елвис Рамон (Клем Бурк) – тапани (1987)
- Си Џеј Рамон (Кристофер Џозеф Вард) – бас, придружен и главен вокал (1989–1996)
Дискографија
Студиски албуми
- Ramones (1976)
- Leave Home (1977)
- Rocket to Russia (1977)
- Road to Ruin (1978)
- End of the Century (1980)
- Pleasant Dreams (1981)
- Subterranean Jungle (1983)
- Too Tough to Die (1984)
- Animal Boy (1986)
- Halfway to Sanity (1987)
- Brain Drain (1989)
- Mondo Bizarro (1992)
- Acid Eaters (1993)
- ¡Adios Amigos! (1995)
Надворешни врски
- Ramones на Curlie (англиски)
- Ramones на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
