Pentatonix (транскрипција: Пентатоникс; скратено PTX) ― американска а капела група од Арлингтон, Тексас. Групата е составена од пејачите: Кирстин Малдонадо (мецосопран), Мичел Граси (тенор), Скот Хојинг (баритон), Кевин Олусола (битбокс) и Мет Сали (бас). Нивната музика се карактеризира со аранжмани во поп-стил со вокални хармонии, бас линии, рифови, перкусии и битбокс, а создаваат преработки на модерни поп-композиции или божиќни песни и оригинални мелодии. Групата Pentatonix била основана во 2011 година и победиле во третата сезона од натпреварот за а-капела групи The Sing-Off на NBC, при што добиле 200 000 долари и договор за снимање со Sony Music. Откако издавачката куќа во сопственост на Sony Music, Epic Records по завршувањето на обврската од The Sing-Off, не го продолжила договорот со групата, Pentatonix креирале свој канал на YouTube и ја дистрибуирале нивната музика преку Madison Gate Records, издавачка куќа во сопственост на Sony Pictures.
Нивниот прв мини-албум, PTX, Volume 1, бил објавен во 2012 година, а истата година го објавиле и празничното издание PTXmas. Третото издание на Pentatonix, PTX, Vol. II, во 2013 година дебитирало на прво место на Билбордовата топ-листа за независни албуми и десето место на Билборд 200. Во мај 2014 година, Pentatonix потпишале договор со RCA Records, „најистакната“ издавачка куќа под капата на Sony Music Entertainment, и истата година, групата го издала четвртиот мини-албум, PTX, Vol. III. Во 2014 година тие, исто така, издале два студиски албума: PTX, Vols. 1 & 2, компилациски албум издаден во Јапонија, Кореја и Австралија и нивното второ празнично издание, That's Christmas to Me. Албумот добил златен сертификат од Здружението на музичките издавачи во Америка (RIAA), станал платинест на 24 декември 2014 година и двојно платинест на 11 февруари 2016 година. Со ова, албумот станал празничен албум од група со највисок пласман на топ-листите од 1962 година и четврти најпродаван албум во САД за 2014 година. Следната година Pentatonix го издале нивниот истоимен албум. Ова бил нивен прв албум составен од оригинални нумери, а дебитирал на врвот на американската Билборд 200 топ-листа. Во 2016 година го објавиле нивниот трет божиќен албум, A Pentatonix Christmas, а една година подоцна и ново EP, PTX, Vol. IV – Classics.
Во септември 2017 година, оригиналниот бас-пејач Ави Каплан, ја напуштил групата и бил заменет со Сали, кој пеел на песните од нивниот компилациски албум Pentatonix Christmas Deluxe и на нивниот следен студиски албум PTX Presents: Top Pop, Vol. I. Сали дипломирал на музичкиот колеџ Беркли, каде што бил член на а-капела групата Pitch Slapped.
Пентатоникс освоиле три Греми награди: тие биле прва а-капела група која што освоила награда за „Најдобар аранжман на инструментално или а-капела дело“ (ја освоиле наградата во 2015 и 2016 година) и „Најдобра кантри-изведба од дуо или група“ (2017). На 21 февруари 2023 година, групата добила ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд.
Дискографија
Студиски албуми
- PTX, Vols. 1 & 2 (2014)
- PTX (2014)
- That's Christmas to Me (2014)
- Pentatonix (2015)
- A Pentatonix Christmas (2016)
- PTX, Vol. IV: Classics (2017)
- PTX Presents: Top Pop, Vol. I (2018)
- Christmas is Here! (2018)
- We Need a Little Christmas (2020)
- The Lucky Ones (2021)
- Evergreen (2021)
- Holidays Around the World (2022)
Компилациски албуми
- The Best of Pentatonix Christmas (2019)
- White Christmas (2021)
- The Greatest Christmas Hits (2023)
Членови
- Мич Граси – тенор (2011–денес)
- Скот Хојинг – баритон (2011–денес)
- Кирстин Малдонадо – сопран (2011–денес)
- Кевин Олусола – вокални перкусии, виолончело, битбокс, баритенор (2011–денес)
- Мет Сали – вокален бас и бас, тапани (2017–денес)
Поранешни членови
- Ави Каплан – вокален бас и бас (2011–2017)
Надворешни врски
- Матична страница
- Видео на YouTube
- Pentatonix на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
