Doom Eternal (македонски: Вечна пропаст) — пукачка игра од прво лице. Играта е развиена од студиото id Software, а издавач е компанијата Bethesda Softworks. Проектот бил најавен во 2018 г. на саемот E3. Doom Eternal излегла за подлогите Windows, PlayStation 4 и Xbox One и во услугата Google Stadia во март 2020 г., во декември за Nintendo Switch, а во јуни 2021 г. за PlayStation 5 и Xbox Series X/S. Покрај основната игра, биле издадени и две сижетни дополненија — The Ancient Gods — Part One и The Ancient Gods – Part Two.
Doom Eternal е дел од серијалот игри Doom и непосредно продолжение на компјутерската игра Doom од 2016 г. Во рамките на приказната, играчот повторно ја презема улогата на Уништувачот од Адот (англ. Doom Slayer), а настаните во играта се одвиваат две години по случките на Марс. Уништувачот мора да го запре Култот Деаг, кој заедно со Обединетата аерокосмичка корпорација што преминала на страната на пеколот, планира да го уништи човештвото.
Играта била топло пречекана по најавата и добила потврдни одзиви од критичарите при излегувањето — мнозинството рецензенти од играчките изданија ја пофалиле играта за играчкиот процес и музичката придружба, но нивните мислења се разминале во врска со платформските елементи во нивоата и повеќеиграчкиот режим. По премиерата, Eternal постигнала голем трговски успех: според податоците од издавачот, заработката на играта во првата недела била поголема отколку кај сите минати игри од серијалот, максималниот истовремен број на играчи на услугата Steam се зголемил двојно во споредба со претходната главна игра, а заработката кон крајот на 2020 г. според разни извори изнесувала околу 450 милиони долари.
Како и во случајот со Doom од 2016 г., главен раководител на проектот бил Хјуго Мартин, а продуцент бил Марти Стретон. Композитор на играта повторно бил Мик Гордон. Во играчкиот процес биле внесени одредени промени во однос на играта од 2016 г.: движењето на ликот било дополнето со механика за брзо отскокнување, пиштолот бил отстранет од арсеналот, но биле додадени Адскиот меч (англ. Crucible), втор тип гранати, пламенофрлач и „крвав удар“, а функционалноста на суперсачмарката била дополнета со кука што овозможува привлекување кон противниците. Заместо вообичаените повеќеиграчки режими за серијалот, во Eternal е претставен асиметричен режим за тројца играчи, во кој едниот ја презема улогата на Уништувачот, а другите двајца — моќни обични противници.
Играчки процес
Едноиграчки режим
Doom Eternal е пукачка игра од прво лице. Играчот ја презема улогата на Уништувачот од Адот, древниот борец против демоните. Играта е поделена на одделни нивоа, чиј дизајн сврзува научна фантастика. Покрај стандардната механика на движење низ нивото, играчот може да се качува по одредени ѕидови, да прави странични трчања (нагло повлекување), да се привлекува кон противниците со помош на кука и слично. На нивоата исто така постојат различни предмети, како што се комплети за прва помош, стреливо, оклоп, подобрувања за оружјето и колекционерски предмети, кои се претставени преку музички композиции од минатите игри на id Software и игрите од серијалот Doom, виртуелни колекционерски фигури, шифри (чит-кодови) и разни текстови што ја истражуваат внатрешната вселена на играта.
Помеѓу мисиите, играчот може слободно да ја истражува местоположбата база (штабот), каде што може да општи со собраните колекционерски предмети, да отклучува награди, да го испитува оружјето и новите тактики на тренирачката арена, како и да избира ниво за повторно поминување. Како и во претходните игри од серијалот, пред почетокот на играта на корисникот му се нуди избор од четири нивоа на тежина.
Во играта е претставен широк избор на вооружување. Различните видови оружје користат различни видови стреливо. Оружјето во играта може да се видоизменува: поголемиот дел од оружјето има две активни видоизменувања што можат да се менуваат меѓу себе, а кои нудат алтернативни режими на оган. Покрај тоа, видоизменувањата на оружјето исто така можат да се усовршуваат со помош на вештини. Како и во минатата игра од серијалот, оружјето не бара полнење. Покрај огненото оружје, јунакот има два вида гранати што се полнат автоматски, како и пламенофрлач што ги пали непријателите и овозможува добивање оклоп од нив. Како и во минатиот дел, моторната пила му овозможува на играчот да ги убие повеќето обични противници со еден удар и од нив да добива стреливо.
Повеќеиграчки режим
Во натпреварот од повеќеиграчкиот режим учествуваат три играчи: еден од нив ја презема улогата на Уништувачот од Пеколот, додека другите двајца управуваат со силни демони, како што се Мародер, Манкубус, Елементал на Болката и слични. Начинот на игра со Уништувачот е аналоген на оној од едноиграчкиот режим, а услов за победа во рундата е уништување на двата противнички демона во одреден временски период.
Од друга страна, демоните можат да го напаѓаат противникот со стандардни напади на далечина, како и да користат активни способности што овозможуваат привремено блокирање на можноста Уништувачот да собира стреливо, оклоп и здравје, да повикуваат други демони, да поставуваат препреки, да се лекуваат себеси и соиграчот и слично. Секој демон има на располагање по 4 активни способности. Притоа, доколку едниот демон биде елиминиран, тој може да оживее доколку вториот демон не биде уништен од страна на Уништувачот во одредена временска рамка. Целта на двата демона е да го елиминираат Уништувачот. Покрај демоните со кои управуваат играчите, против Уништувачот се борат и демони управувани од вештачка интелигенција. По секоја рунда, на сите играчи им се дава можност да изберат подобрување на некоја способност или одлика, како што е на пример количеството здравје. Натпреварот трае сѐ додека една од страните не победи во три рунди.
Приказна
Кампањата во приказната на Doom Eternal ја продолжува приказната од играта Doom од 2016 г. Две години по случките на Марс, Земјата е речиси целосно освоена од демонските сили, а човечките жртви се бројат во милијарди. За тоа време, Уништувачот од Адот зазема вселенска тврдина, која ја користи како сопствен штаб. Во периодот кога се одвиваат настаните во играта, Уништувачот планира уништување на Култот Деаг — тројца свештеници што раководат со демонската наезда на Земјата: Деаг Нилокс, Деаг Ранак и Деаг Грав. Прво го следи Нилокс, кој се наоѓа во Адската Баржа; кога ќе стигне до него, Уништувачот му ја откинува главата. Главниот јунак ја користи главата на свештеникот за да влезе на собирот на култот и да ги исплаши преостанатите членови, кои изјавуваат дека сите луѓе поради своите дела треба да бидат жртвувани на Кан Создателката — водачката на моќната раса Творци. Плашејќи се за животите на Деагите, Кан Создателката ги телепортира на непознати места и го предупредува Уништувачот за последиците од неговите постапки.
За да го најде вториот свештеник, Уништувачот го наоѓа Небесниот Локатор, а потоа го полни кај Предателот — претставник на расата Аргент Д’Нур, кој го предал својот народ во замена за животот на својот син, но бил измамен. Предателот го предупредува Уништувачот дека е опасно да ѝ се спротивстави на Кан, но истовремено го моли за помош. Носејќи го локаторот во својот штаб, Уништувачот ја утврдува положбата на вториот свештеник — Секташката база на северот на Земјата, каде што се утврдиле вработените во Обединетата аерокосмичка корпорација што преминале на страната на адот. Јунакот се пробива во базата, уништува мноштво демони, ги убива чуварите на Ранак (Ловците на Уништувачот) и му ја откинува главата на самиот свештеник.
За да го најде третиот свештеник, Уништувачот треба да го најде Семјуел Хајден, киборг и поранешен претседател на управниот одбор на ОАК, кој по настаните од минатата игра се преселил на Земјата и застанал на чело на Апокалиптичниот револуционерен комитет. Пробивајќи се низ толпата демони, Уништувачот го наоѓа Хајден, но тој успеал да претрпи значајни оштетувања во борбата со демоните, а во базата на Комитетот влегува моќен демон — Мародер. Поради тоа, Уништувачот го телепортира телото на Хајден кај себе во тврдината, додека самиот во борба го уништува новиот противник. Во базата главниот јунак го приклучува киборгот кон апаратурата во тврдината и дознава од него дека последниот свештеник се крие во Тврдината на Стражарите во светот Аргент Д’Нур. Таму може да се стигне само преку портите на древниот марсовски град Хебет, кој се наоѓа во внатрешноста на планетата. Уништувачот пристигнува на марсовскиот сателит Фобос, со помош на огромниот топ BFG 10000 ја пробива кората на Марс и со спасувачки чамец стигнува до градот. Кога Уништувачот ќе влезе во Тврдината на Стражарите, на играчот му се прикажуваат неколку негови сеќавања: во едно од нив се дознава дека Думгај, главниот лик од Doom, Doom 2 и Doom 64, по настаните од последната стигнал во светот Аргент Д’Нур и е истиот лик како и Уништувачот од Адот. Стигнувајќи до арената, Уништувачот во борба го уништува демонот Гладијатор, кој го штител Деаг Грав, а потоа го застрелува свештеникот со суперсачмарката.
Откако ги губи сите тројца свештеници и можноста да го уништи човештвото, Кан Создателката одлучува да прибегне кон друг план и започнува со будење на Иконата на Гревот. Сега јунакот треба да ги спречи плановите на Кан, но за тоа му е потребно да влезе во Урдак — светот на расата Творци, единствениот портал кон кој се наоѓа во Некравол — огромна градба во адот што произведува аргент-енергија. Пробивајќи се низ толпата демони, Уништувачот дознава дека аргент-енергијата се произведува од човечки души, а исто така е и главната причина за успехот на Творците. Стигнувајќи до врвот на Некравол, херојот отвора портал кон Урдак. Таму тој гледа како Кан се обидува, користејќи го срцето на синот на Предателот, да ја стави под своја контрола Иконата на Гревот. Уништувачот се меша во ритуалот и го уништува срцето, со што ја исполнува молбата на Предателот. Иконата на Гревот излегува од контрола и преку порталот преминува на Земјата. Уништувачот е принуден да ја следи, но патот му го препречува Кан. За време на борбата Уништувачот ја победува Кан Создателката, која се покажала како демон, а потоа се телепортира на Земјата. Таму ја наоѓа Иконата на Гревот и во двобој со неа најпрво ѝ ја уништува оклопната обвивка, а потоа и неа самата со помош на Адскиот меч. Уништувањето на Иконата ја означува завршницата на наездата и целосната победа на човечката раса над демоните.
Настаните од дополненијата Doom Eternal: The Ancient Gods – Part One и Doom Eternal: The Ancient Gods – Part Two се одвиваат по настаните од главната кампања.
