Животопис
Бруно Шулц е роден во градот Дрохобич во Австроунгарија (денес во Украина), претежно населен со Евреи и поголемиот дел од животот го поминал во родниот град, работејќи како наставник по цртање во гимназијата. Тој бил син на Хенриета и на Јаков Шулц, трговец со текстилни материјали. Во нивниот дом не се негувала еврејската традиција и се зборувало само на полски јазик. Семејството Шулц живеело во куќата со број 10 која се наоѓала на главниот плоштад во Дрохобич при што членовите на семејството живееле на катот, а на приземјето се наоѓала нивната продавница. Токму во таа куќа се одвива дејството во расказите од збирката „Продавници со боја на цимет“, во која еден од главните ликови е неговиот татко Јаков. Бруно Шулц студирал архитектура во Лавов, а за време на Втората светска војна бил одведен во гетото во Дрохобич, каде бил убиен на улица од страна на еден нацистички офицер, на 19 ноември 1942 година.
Творештво
Шулц се оформил под влијание на интелектуалната авангарда собрана во движењето „Млада Полска“, како и под влијание на германската книжевност од почетокот на XX век. Во 1934 ја објавил својата прва книга „Продавници со боја на цимет“, а потоа, поттикнат од младите литерати и од издавачите ја објавил и втората книга „Санаториумот во знакот на Клепсидрата“. Всушност, овие две книги го сочинуваат целото неговот творештво, зашто ракописот на неговото трето дело, романот „Месија“ е изгубен. Исто така, Шулц има напишано и неколку други раскази, кои не дел од двете збирки, како и неколку есеи. Во двете збирки, Шулц го опишува животот на Евреите во еден мал провинциски град при што неговите раскази се одликуваат со автобиографски елементи. И покрај скромниот опус, денес, Шулц се смета за еден од најголемите прозни стилисти на XX век. Неговите раскази се напишани со богат и единствен јазик, со употреба на бројни необични метафори. Притоа, тој користи повеќекратни, сложени реченици, со комбинација на старомодни и заборавени зборови и модерни, научни изрази. Оваа техника го привлекла вниманието и била предмет на бројни дискусии уште од неговите први критичари, кои неговото творештво го оцениле како смеса на убавина и поезија.
