factograf
MK

Авари

Авари
All data from the card 8
Статус
Царство
Говорени јазици
Прасловенски јазик (late language franca) Туркиски, монголски или тунгуски јазици (можно, делумно) Согдијски
Вероисповед
Првично шаманизам и анимизам, христијанство по 796 година
Уредување
Ханат
• Основана
567
• Поразени од Само
626
• Поразени од Пепин Италијански
796
• Престанала да постои
по 822 година
Кованици на Аварите од 6-ти–7 век, кои наликуваат на кованиците на Равена од Хераклиј.
Кованици на Аварите од 6-ти–7 век, кои наликуваат на кованиците на Равена од Хераклиј.

Авари — евроазиски номади за кои сѐ уште нема официјална потврда од каде точно потекнуваат, иако се претпоставува дека имаат туркиско потекло. Овој народ живеел покрај Панонската низина во околу 6 век до 9 век, каде имал изградено своја држава, позната во историографијата како Аварски Каганат. Најголем нивни поход бил Опсадата на Цариград од 7 век.

Во почетокот на 8 век, Аварите доживеале голем пораз од страна на франкискиот крал Карло Велики, каде по таа битка нивната држава започнала да се распаѓа. Со доаѓањето на Словените, се претпоставува дека голем дел се преточиле во нив. Денеска, постојат Кавкаски Авари кои живеат во Русија и Азербејџан.

Јазикот или јазиците што ги зборувале Аварите денес се непознати. Класичниот филолог Самуел Садецки-Кардош наведува дека повеќето од зборовите на Аварите употребени истовремено со латински или грчки текстови, се чини дека имаат потекло од монголскиот јазик. Други теории сметаат дека има тунгуско потекло. Според Садецки-Кардос, многу од титулите и редовите што ги користеле панонските Авари ги користеле и Туркијците, Прабугарите, Ујгурите и Монголците, како на пример каган, кан, кадхан, тудун, тархан и хатун. Меѓутоа, постојат докази дека владејачките кланови зборувале на различни јазици, како кавкаски, ирански, тунгуски, унгарски и туркиски. Неколку научници сугерираат дека прасловенскиот јазик станал лингва франка на Аварскиот каганат. Според Ѓула Ласло, кон крајот на 9 век панонските Авари зборувале со разни стари унгарски јазици, со што формирале аваро-унгарски континуитет со тогаш новодојдените Унгарци.

Потекло и преселба

Геномските анализи на човечки останки покажуваат дека аварската елита во голема мера потекнувала од древни популации од североисточна Азија.
Геномските анализи на човечки останки покажуваат дека аварската елита во голема мера потекнувала од древни популации од североисточна Азија.

Потеклото на европските Авари и составот на групата што во VI век се појавила во Источна Европа долго време биле предмет на научна расправа. Современите историски, археолошки и археогенетски истражувања укажуваат дека јадрото на раноаварската владејачка елита потекнувало од источната евроазиска степа и дека постои силна поврзаност со популациите од руранскиот период во денешна Монголија. Сепак, Аварите што пристигнале во Европа не претставувале етнички или генетски хомогена група, туку политичка заедница во која биле вклучени и други степски групи.

Во византиските извори Аварите првпат се споменуваат во 558 година, кога нивното пратеништво, предводено од Кандих, пристигнало во Константинопол. Пратеништвото дошло од областите северно од Кавказот, каде што Аварите презимувале во 557/558 година. Византискиот цар Јустинијан I во нив гледал потенцијален сојузник против народите што живееле северно од Дунав и Црното Море. Односите биле проследени со дипломатски подароци и византиски субвенции.

Византиските извори го поврзуваат пристигнувањето на Аварите во севернокавкаскиот простор со претходните преселби и воени пресврти во Евроазиската степа. По поразот на Руранскиот каганат од Ѓоктурците во 552 година и неговото конечно распаѓање во наредните години, кон запад се придвижиле различни степски групи. Во современата наука постои силна поддршка за врската меѓу раноаварската елита и населението од руранскиот период, но не и за целосно поистоветување на европските Авари со целиот Рурански каганат.

Во турската дипломатска традиција ова потекло било отфрлано. Според Менандар Протектор и подоцнежната византиска традиција, Ѓоктурците ги претставувале Аварите како „Вархонити“ — бегалци или поранешни поданици што го присвоиле престижното име „Авари“ и титулата „каган“. Менандар, во извештајот за турското пратеништво од 568 година, пренесува проценка од околу 20.000 аварски воини. Овие тврдења треба да се сфатат како дел од турската дипломатска полемика против аварската власт, а не како неспорен опис на нивното етничко потекло.

Археолошките наоди од раниот аварски период покажуваат дека групата што пристигнала во Европа имала разновидно потекло. Во Карпатскиот басен не се забележува единствена археолошка култура што била целосно пренесена од една источна област. Покрај елементи со потекло од источната степа, се среќаваат предмети и обичаи со паралели во Кавказот, јужноруските степи и Западна Азија, како и врски со локалните средноевропски традиции.

Археогенетика

Археогенетските истражувања во XXI век донесоа нови податоци за потеклото на Аварите. Во студија објавена во 2022 година биле анализирани 66 предаварски и аварски индивидуи од Карпатскиот басен. Анализираните раноаварски елитни индивидуи покажале многу висок удел на генетско потекло поврзано со древните популации од североисточна Азија, при што различните генетски модели процениле дека околу 88–98 % од нивното потекло можело да се објасни со таков генетски фонд. Тие покажале особено блиска генетска сродност со примерок од рурaнскиот период во денешна Монголија, што обезбедува генетски доказ за врска меѓу раноаварската елита и населението поврзано со Рурaнскиот каганат. Истовремено, кај дел од нив биле утврдени и западноевроазиски генетски компоненти, што укажува на претходно мешање меѓу источни и западни популации.

Овие резултати не значат дека целиот Аварски каганат бил составен од население со источноазиско потекло. Подоцнежните истражувања на 424 индивидуи од четири аварски некрополи покажале значителна генетска разновидност меѓу различните заедници. Кај испитаните групи доминирало потекло поврзано со источната евроазиска степа, но со различен степен на примеси од западноевроазиски популации. Истражувањето проценило дека постарото мешање меѓу источните и западните степски популации во голема мера се случило уште пред нивното населување во Карпатскиот басен.

Истражувањето на 722 индивидуи од аварскиот период во Виенскиот басен дополнително покажало дека заедничката аварска материјална култура не подразбирала и единствено генетско потекло. На локалитетот Лојберсдорф источноазиското потекло останало значително и околу 200 години по пристигнувањето на Аварите, додека во соседниот Модлинг источноазиското потекло било минимално и преовладувало европско потекло. И покрај тоа, двете заедници споделувале карактеристична аварска култура. Ова покажува дека „Аварите“ во историска смисла претставувале поширока политичка и културна заедница, а не единствена биолошка популација.

По неколку години поминати северно од Кавказот, Аварите продолжиле кон запад. Во 563 година веќе биле присутни во подунавскиот простор, а во 567 година навлегле во Карпатскиот басен. Истата година, во сојуз со Лонгобардите, го поразиле Гепидското кралство. Во 568 година Лонгобардите го напуштиле Панонскиот басен и се преселиле во Италија, по што Аварите ја прошириле својата власт врз териториите што претходно ги контролирале Лонгобардите. Со воспоставувањето на власта во Карпатскиот басен во 567–568 година започнало создавањето на Аварскиот каганат. Новата политичка заедница ги обединила доселените степски групи со различни староседелски и претходно населени популации, меѓу кои имало Гепиди и други групи од Карпатскиот басен. Подоцна под аварска власт се нашле и бројни словенски, бугарски и други заедници. Така аварската држава постепено се развила во мултиетничка политичка заедница, во која аварскиот идентитет бил поврзан со политичката припадност кон каганатот, а не со едно единствено генетско или етничко потекло.

Историја

Европа околу 600 година
Европа околу 600 година
Аварите ги ограбуваат балканските земји
Аварите ги ограбуваат балканските земји
2 images

Создавањето на Аварскиот каганат

Кон средината на 6 век Аварите упаднале во Панонија и формирале своја држава наречена Аварски каганат. Во неа влегле многу разнородни племиња кои Аварите ги потчиниле меѓу кои имало Словени, Хуни и Прабугари. Аварите биле доминантни во каганатот а другите племиња им биле потчинети. На чело на каганатот стоел каган кој раководел со аварската војска а под негова контрола биле и војските на потчините племиња. Аварите имале околу 20000 војници а со приклучување на Хуните, Прабугарите и Словените вкупно броеле 50000 војници. Византија се наоѓала под постојан притисок на Аварите во средното Подунавие. Борбите меѓу Византија и Аварите започнала преку премините на реките Сава и Дунав. По тригодишна опсада аварскиот каган Бајан во 582 година го освоил Сирмиум. Така започнал походот кон Цариград.

Походот кон Цариград

По падот на Сирмиум и смрта на царот Тибериј во 582 година за време на владеењето на царот Маврикуј продолжиле Византиско-аварските војни, кои завршиле со опсдата на Солун во 586 година. „За тоа како е освоен јасно изложува ценетиот Менадер“ ова го обајаснува Теофилакт Симоката во врска со паѓањето на Сирмиум. Аварите поставувале тешки услови за Византија. Аварскиот каган барал од Цариград слонови кои подоцна ги вратил, а за возврат барал зголемување на данокот од 80000 на 100000 златници. Поради овие барања во 584 година избила нова војна меѓу Византија и Аварите. Со оваа војна може да се поврзе и опсадата на Солун од страна на 5000 Словени која претрпела неуспех.

Прв град кој бил на удар на аварските напади бил Сингидурум. Во оваа аварска офанзива бил заземен градот Августа кој се наоѓал на брегот на реките Огуста и Дунав во денешна Бугарија. Бил заземен Виминациум и бил опседнат Анхијал а нивната околина била опустошена и запалена. Поради ова царот Маврикиј решил да преговара со Аварите. Било испратено пратеништво кое го предводеле сенаторот Елпидиј и старешината на царската гарда Коментиол. Ова пратеништво немало успех. Во 585 година во Цариград пристигнал кагановиот преговарач Таргитиј кој барал данокот да се зголеми на две години за 100,000 златници.

Барањето било прифатено и бил постиганат мир. Во 586 година, Словените од Влашка провалиле во Тракија и ја опустошиле но биле поразени кај реката Ергинија. Овој упад на Словените било причина за нови непрјателства. „Каганот ги викнал кон себе сите неверници од Склавиниите и кон Словените ги придружил варварите од другите племиња“. Така велел писателот на чудата на Св. Димитрија Солунски. Во Солун се наоѓала малку војска која била неискусна. Првиот ден опсадниците вршеле грабежи по околината на Солун но наредниот ден настанал глад. Третиот ден биле донесени воени справи, но настанал судир меѓу самите Авари. Дошла група на бегалци. Не успеал обидот за заземање на Касандриската капија. Седмиот ден настанало затишје. Осмиот ден стигнале нови бегалци кои барале прибежиште во градот за да се заштитат од чумата која започнала да владее меѓу аварските војници. Набрзо започнало повлекување на аварските војници кои оставиле зад себе многу оружје и робови.

Во летото 558 година, аварскиот каган испратил словенски чети да ја пустошат Тракија. Византискиот војсководец Коментиол успеал на Словените да им преземе дел од пленот. Аварската војска ја заземала и разрушила Рацијарија (Арчар на Дунав во Бугарија), Бононија (Видин), Аквис (Видовград кај Неготино), Дуросторум (кај Силстира во Бугарија) и Тропајон (Акадмилиси меѓу Констанца и Силистрија).

Првиот пораз Аварите го доживеале кај градот Томис. византиската војска броела 40,000 регрути кои ја бранеле линијата Чернодава-Констанса. Со одредот раководел хипостратегот Мартин. Тој го спасил градот Томис од разурнување. Војната траела до 587 година а главното жариште била Тракија. Во заробеништво на Аварите паднал градителот на византиските воени справи Буса кој ги поучил да изградат опсадни справи. византиските команданти Каст и Ансимут биле заробени од Аварите и за нив бил нуден откуп од голема количина на злато. На местото на Коментиол за воен стратег бил поставен Јован Мистиг а за хипостатег Лангобард Дроктон.

Одлучната битка се водела кај Адријанопол (Едрене), каде што византиската војска ја извојувала победа над Аварите и тие се повлекувале преку Дунав. Во 558 година биле обновени непријателствата и Аварите ги нападнале Скитија и Мизија а во следниот напад заедно со Словените ја заземале Тесалија, Хелада, Стар Епир, Атика, Евбојаи стигнале на Пелопонез. Кон крајот на 591 и почетокот на 592 година, царот Маврикиј склучил мир со Персијците за да ја префрли војската на Балканот. За да се одржи мирот на Аварите им бил плаќан данок сè до 593 година кога каганот побарал зголемување на данокот кое барање Византијците го одбиле и започнала нова војна.

Новата војна со Византија

Како и во претходната војна борбите започнале околу Сингидунум. Аварската коњаница морала да ги премине Дунав и Сава. Каганот им наредил на Словените да градат чамци кои населението на Сингидунум ги спалувало. Аварите успеале да поминат една од реките и го опколиле градот. Меѓутоа каганот наредил повлекување на војската и таа се повлекла во шаторите. Војската се улогорила во Сирмиум. Војската ја преминала Сава кај Сирмиум и се поделила во два дела. Едниот дел тргнал во грабеж со намера да сее страв и со него раководел аварскиот војсководач Самур. Вториот дел бил под команда на самиот каган и за пет дена стигнал до Бононија. Од Бононија ги продолжил нападите сè до Хераклеја на Мраморното Море. Тука Аварите уништиле еден дел од царската коњаница и ја запалиле црквата посветена на маченицата Гликерија. Со овој напад Аварите за првпат непосредно го загрозуваат Цариград.

Потоа Аварите ја запоседнале тврдината Чорлу кај Хераклеја. Опсадата траела до есен. Еден од византиските офицери намерно дозволил Аварите да го заробат и да му го пронајдат писмото во кое пишувало дека царот Маврикиј планирал изненаден поход против Аварите. Стартегот Приск водел борба со Словените на долен Дунав и тргнал во офанзива на левиот брег. Победите над словенските племенски водачи Ардагаст и Мусокија изразиле недоверба кај аварскиот каган. Царот Маврикиј го сменил стартегот Приск, а за нов заповедник го поставил неговиот брат Петар. Поради бунтот на византиските војници Приск ги пренел војниците на десниот брег на Дунав. Ова било причина за доаѓање на аварско пратеништво во Пирсковиот логор. Меѓу Аварите имало и такви кои не сакале војна. Ова струја ја предводел кагановиот пратеник Таргитиј. Кај каганот како пратеник отишол докторот Теодор кој го одвратил од војната. Пирск им испорачал на Аварите 5,000 заробени Словени, но ова наишло на отпор во цариградскиот двор.

Следната 595 година операциите против Аварите ги предводел братот на царот Петар. Тој водел борби со Словените во долна Мизија, околу Марцианапол и византиската војска избила на Дунав кај градот Асемон на брегот на реката Асма кај Никополис. Тука тие изгубиле една битка со Прабугарите кои биле аварски поданици. Војната со Словените доживеала пораз и довело до нови промени во војниот врв на чие чело повторно застанал стратегот Приск. Во 596 година од Астик Приск избил на Дунав и стигнал во Горна Нова. По неуспешните преговори со Аварите војната продолжила. Повторно прв на удар на Аварите бил Сингидиунум. Аварите го срушиле Сингидунум и извршиле масовно преселување на населението во Сирмиум. Византиската војска се префрлила на ада Синг, а од таму во Цариград каде започнале нови преговори со каганот. Бидејќи каганот се заканувал дека ќе ги уништи Византиските градови Пирск го испратил својот помошник Гудиин во Сингидунум. Аварите поставиле обрач од запрежни коли кој не ги издржал нападите.

Следната 597 година, Аварите тргнале преку Мизија и Тракија кон Црно Море и Цариград. Во овој напад била погодена провинцијата Далмација во која Аварите срушиле 40 тврдини и градот Вонке. Гудуин пратил 2,000 хоплити да ја следат аљварската војска, тие фатиле тројца пијани Авари кои го издале местото каде што го собрале пленот и Гудуин им го собрал пленот и му го испратил на стратегот Приск. „За осумнаесет и повеќе месеци измеѓу Ромеите и варварите на Дунав не се случило ништо што било врено да се спомене.

Во есента 599 година каганот со војска продрел до кастумот Томеа, каде што аварската војска презимила. Царската војска пред Велигден патила од глад а каганот, кога слушнал за тоа чудо побарал од стратегот Приск коли на кои ќе испрати намирници за поклон за да може војската среќно да ги проведе празниците. За возврат Приск му дал на каганот бибер, разни мириси цимет и др. Војсководецот Коментиол бил поставен за командант на војската која тргнала кон Никополеза да се судрат со Аварите. Во Долна Мизија на реката Јантрос, Аварите го поразиле одредот на Коментиол. Потоа паднала тврдината Дризипера. Меѓу Аварите се појавила чума која одземала животи на седум каганови синови. Дошло до преговори во тврдината Дризипера каде што бил сколопен мир. Дунав повторно станал граница меѓу Византиското царство и Каганатот.

Византија добила право да поминува преку Дунав и да се бори против Словените. Византија го зголемила данокот од 100000 на 120000 златници. Но веќе во 600 год. Византија го раскинала договорот. Царот Маврикиј испратил војска на левиот брег на Дунав, стратегот Приск ја преземал врховната команда. Дошло до нова битка во која загинале 300 византиски војници, и 4000 аварски војници. И на крајот борбата завршила со пораз на Аварите. После десет дена дошло до нов судир. Аварите повторно биле поразени и се повлекле на Тиса. На Тиса се одиграле две битки во кои Византијците извојувале победа. После битката Тиса ја преминале 4000 војници кои влегле во три гепидски села каде убиле 30000 луѓе и се вратиле назд со плен. После битката Авариете повторно навалиле на Тиса каде повторно доживеале пораз.

По победата над Аварите византиската војска заробила околу 3000 Авари, 8000 Словени 3200 Гепиди и останати варвари. Приск ги испратил заробениците во Томеа кај Рацијарија поради што било испратено аварско пратеништво во Цариград кое го натерало царот Маврикиј да ги ослободи заробениците и бил постигнат мир. Во 601 год. царевиот брат Петар станал стратег на Европа и со војска избил на Дунав во Паластол, а во есен се префрил во Дарданија бидејќи дознал дека се собрал нов аварски одред под водство на војсководецот Апсих. Дошло до преговори меѓу стратегот Петар и Апсих и се договориле Византијците да се повлечат во Тракија, а Аварите во каструмот Константиол. Во 602 год. Византијците биле известени дека каганот планира нов напад на Цариград. Стратегот Петар се спремил за војна против Словените кои биле под аварска власт. На чело на флотата што што преминувала преку Дунав бил поставен Стрибон Бон, а на чело на војската хипостратегот Гудуин. Гудуин извојувал значајни победи над Словените. Дошло до аварско –византиски сојуз против Словените.

Сојузот на Аварите и Византија против Словените

Во овој поход Аварите ги уништиле и раселиле Антите чиешто име не се помнува веќе во изворите. Во меѓувреме дошло до одредени судири меѓу аварските кланови и еден дел од нив побегнале на територија на Византија. Во редовите на византиската војска дошло до побуна на која ја предводел центурионот Фока кој станал нов император. За време на царот Фока владеел мир меѓу Византија и Аварите. Тој го зголемил данокот од 120000 златници на 200000 златници. Византиската војска се префрлила кон исток да се бори против Персијците. Аварите заедно со Словените започнале да навлегуваат на Балканот и да пустошат. „На едно место скитските Хариби (Авари), правејќи се мирни, разбојнички ограбувале, а на друго место волците Словени застанувајќи заедно копнената борба ја прошируваат на море.

Словенско-аварски сојуз против Византија

После поразот кај Солун, словенските племиња побарале помош од Аварите за борба со Византија. Словенските претставници му ветиле на каганот добар дел од пленот ако им помогне да го освојат Солун. Бил постигнат договор меѓу Аварите и Словените и каганот се упатил кон Солун со еден одред коњаница. Аварите убиле и заробиле повеќе земјоделци со добиток и алат. Ова предизвикало паника во Солун. Неколку години подоцна и самиот каган пристигнал кај Солун и го опколил поставувајќи воени справи.

На градот му пристигнала воена помош на чело со префектот Хариј. Кога видел дека не може да го освои градот, каганот почнал да изнудува дарови, но бил одбиен и заради одмазда ги запалил црквите надвор од градот. На крајот граѓаните морале да му удоволат на каганот и тој се повлекол, опсадата траела 33 дена. Истата година бил заземен Драч. Аварите се населиле во Драчката и Атинската област. Пред нив Лакедајмонците побегнале во Сицилија каде се населиле во долината Демен, недалеку од Таормина и оттаму вршиле постојани поморски напади на Аварите кај Драч.

Првиот аварски напад на Цариград се случил во 623 год. Каганот и царот Ираклиј биле во преговори за мир. Аварската војска дошла до Теодосиевиот ѕид и заробиле бројно население и извршиле грабежи. Биле ограбени неколку цркви меѓу кои Св. Кузмaн и Св. Дамјан во Влахерини и Св. Архангел во Промонт. Целиот плен и заробениците биле одведени преку Дунав, а самиот цар Ираклиј едвај се спасил бегајќи во Цариград.

Каганот започнал нов напад на Цариград бидејќи царот Ираклиј заминал во Мала Азија да се бори со Персијците. Аварската војска се наоѓала во Тракија. „Над Цариград се надвил злокобен виор од Тракија. Аварски коњаници избиле кај Дуги. Тие сакале да воспостават врски со Персијците под водство на Шахрабараз, на Халкедон. Магистерот Бон испратил делегација на преговори со Аварите. Меѓутоа обидот за преговори бил без успех. Каганот барал храна за своите војници и граѓаните на Цариград му испратиле. Петтиот ден од опсадата делегација од граѓани водела преговори за примирје, но Аварите поставиле неприфатливи услови, а тоа било сите граѓани да го напуштат Цариград со една кошула. Аварите се договориле со Персијците заедно да го заземат предгадието на Царигради да ги срушат сите цркви и царски приватни куќи. Аварите ја заземале црквата св. Богородица и тука се утврдиле. Магистерот Бон дал предвремен сигнал за напад и Словените тргнале од реката Барбис во напад. Биле запалени со таканаречен течен оган голем број загинале, а преживеаните се правеле мртви или се криеле. Опсадат траела 9 дена од 29 јули 626 год. На крајот Аварите биле поразени. Последиците од поразот биле катастрофални за Аварите. Поразот на Аварите го натерало персискиот војсководец Шахрбараза да се повлече од Халкедон. Дошло до раскол во аварската војска и голем број Авари избегале во Цариград. Каганот наредил да се погубат поглем број Словени што ги сметал за виновни за поразот и тоа довело до судири помеѓу Аварите и Словените. „Партите со оган ги пустошат Персијците и Скитите (Аварите) ги убиваат Словените и потоа стануваат убиени и окрвавени со меѓусебно убивање во многу работи се попречени за водење единствена борба.“

Вториот каганат и Византиското царство

Контактите меѓу Каганатот и Византија се обновуваат во 678 год. после неуспешната арапска опсада на Цариград. Истата година царот Константин IV извојувал победоносен мир кај западните кралеви кои барале мир и сојуз со Цариград и му праќале поклони и заедно со нив се јавува и аварскиот каган. „А царот попуштил на нивните молби и го одобрил мирот како господар.

Аварите претставувале опасност за новата бугарска држава. Еден дел од прабугарските кланови под водство на Кубратовиот син се населил во каганатот во Панонија признавајќи ја врховната власт на каганот. Во областа околу Сирмиум, Аварите населиле ромејско население кое говорело грчки и се измешало со Аварите и Прабугарите но го задржило христијанството. Аварите ова население го сметале за посебно и каганот за водач им го поставил Кубер кој ја признал врховната власт на каганот.

Ромеите заедно со останатото население се кренало против Аварите. Во разни битки против Аварите од 680 до 685 год. На крајот тие ги победиле Аварите и каганот бил приморан да се повлече на север. Длабоко во внатрешноста на Балканот во Епир се задржал еден помал аварски енклав до крајот на 8 век.

Од крајот на 7 и почетокот на 8 век каганатот не претставувал посебен фактор на Балканот. Од 811 год. византискиот цар Никифор повел офанзива против Бугарите. Бугарите собрале на своја страна аварски наемници заедно со Словени и во една битка му нанеле тежок пораз на Византиското царство. Војската била разбиена а византискиот цар Никифор загинал. Во 814 год. на новиот цар му пристигнала вест за нов напад од страна на Бугарите на чија страна имало и Авари но до тоа не дошло поради смрта на бугарскиот цар Крум.

Религија и обреди

Религијата на Аварите е тешко да се реконструира поради ограничените и фрагментарни извори. Според Валтер Пол, не може едноставно да се реконструира аварската религија врз основа на податоци за други степски народи од различни периоди. Можни се споредби со религиозните верувања и обреди на современите старотурски и хазарски заедници, особено кога постои и соодветен археолошки материјал, но разликите меѓу Аварите и другите степски империи мора да се земат предвид. Затоа компаративните податоци за степската религија служат првенствено како поширок контекст, а не како директен доказ за верувањата на Аварите. Во византиските извори се зачувани неколку податоци за религиозните практики поврзани со Аварите. Теофилакт Симоката забележува дека старите Турци особено го почитувале огнот. Во пошироката византиска претстава за степските народи, магијата била важен елемент. Во 566 г. аварската победа над Франките била припишана на магиски вештини и создавање илузии, додека Suda известува дека Аварите некогаш ги измамиле римските извидници со создавање вештачки дожд и темнина. Овој материјал е сведоштво за начинот на кој византиските автори ги претставувале степските народи, а не сигурен доказ за конкретни аварски магиски практики.

Единствениот познат аварски висок свештеник е Bookolabras, за чија титула Теофилакт Симоката дава значење „маѓепсник, свештеник“. Неговата функција е позната поради аферата со една од жените на каганот Бајан, по која избегал. Бајан бил подготвен да ги прекине преговорите со Римјаните доколку бегалецот не му биде предаден. Слична титула, kolobros, е позната и од бугарски натписи и се поврзува со старотурското qolobur или qulavuz („водич“). Пол наведува дека böqü-qulavuz можеби означувало „висок свештеник“.

Религиозните обреди имале и политичка функција, особено при заклетвите. Во еден од најзначајните случаи, каганот Бајан го извлекол мечот пред жителите на Сингидунум и ја изрекол аварската заклетва, повикувајќи врз себе и врз целиот аварски народ уништување со меч, оган од небото, паѓање на планините и шумите и излевање на реката Сава доколку неговите намери биле насочени против Римјаните. Потоа се понудил да се заколне и според римскиот обичај. Заклетвата со меч била позната и кај Бугарите. Според сведоштвото на прогонетиот лангобардски крал Пектарит, аварскиот каган се чувствувал обврзан со заклетва дадена „пред идол“.

Во поширокиот степски контекст, небесниот бог Тенгри (Tängri) се сметал за највисоко божество кај повеќето пагански степски народи. Теофилакт Симоката пишува дека старите Турци го почитувале како бог оној „што го создал небото и земјата“ и дека нему му жртвувале коњи, говеда и овци. Орхонските натписи покажуваат дека кај старите Турци Тенгри бил поврзан со владеењето на каганот и со неговото божествено легитимирање. Сепак, нема директен доказ за аварска владетелска идеологија поврзана со Тенгри. Историчарот Иштван Бона предложил дека претстава изгребана на коскен сад од Мокрин можеби го одразува светогледот поврзан со Тенгри, но Пол смета дека е поверојатно претставите на дрвото во аварската уметност да биле под влијание на доцноантичката иконографија на дрвото на животот.

Археологијата дава значајни податоци за погребните обичаи. Кај европските Авари била вообичаена инхумацијата. Починатите често биле положувани во ковчези од даски или издлабени стебла. Прилозите во гробовите биле распространети, особено месото. Погребувањето коњи било релативно често – во гробот можел да биде положен цел коњ или само негови делови. Аварите вложувале значителни средства во прилозите, а богатите погребувања можеле да содржат големи количества злато и сребро. Сепак, во споредба со централноазиските степи, кај Аварите не се потврдени големи кургани со подземни комори, богато украсени гробници или надгробни натписи. Пол ја оценува нивната меморијална култура како релативно скромна.

Христијанството било присутно меѓу дел од населението во Аварскиот каганат, но аварската елита останала паганска до воспоставувањето на франкската власт. Кога Бајан требало да се заколне на Библијата, најнапред морало да му биде објаснето значењето на книгата. Мисионерските обиди во VII и VIII век немале значаен успех. Аварите прифаќале верска разновидност меѓу потчинетото население. Особено значајни се христијанските заедници поврзани со Кестељската култура околу езерото Балатон, каде што е пронајдена базилика во тврдината Фенекпуста. Христијански предмети пронајдени во гробовите од аварскиот период не можат сами по себе да се сметаат за доказ дека нивните носители биле христијани – тие можеле да бидат прифатени и како егзотични или магиски предмети. Аварската елита започнала да го прифаќа христијанството под франкска власт по освојувањето во 796 г. Некои аварски првенци биле крстени и добиле христијански имиња (Абрахам, Теодор). Сепак, мисионерските резултати биле ограничени. Можно е губењето на сакралните политички традиции да придонело за брзото исчезнување на Аварите од историските извори.

Наводи

Извори

  • Pohl, Walter (2018). The Avars: A Steppe Empire in Central Europe, 567–822. Ithaca – London: Cornell University Press. ISBN 978-0-8014-4210-0.
  • Savelyev, Alexander; Jeong, Choongwon (2020). „Early nomads of the Eastern Steppe and their tentative connections in the West“. Evolutionary Human Sciences. 2: e20. doi:10.1017/ehs.2020.18.
  • Gnecchi-Ruscone, Guido Alberto; и др. (2022). „Ancient genomes reveal origin and rapid trans-Eurasian migration of 7th century Avar elites“. Cell. 185 (8): 1402–1413.e21. doi:10.1016/j.cell.2022.03.007.
  • Gnecchi-Ruscone, Guido Alberto; и др. (2024). „Network of large pedigrees reveals social practices of Avar communities“. Nature. 629: 376–383. doi:10.1038/s41586-024-07312-4.
  • Wang, Ke; и др. (2025). „Ancient DNA reveals reproductive barrier despite shared Avar-period culture“. Nature. 638: 1007–1014. doi:10.1038/s41586-024-08418-5.

Read next

In 69 languages

Text from Wikipedia, CC BY-SA 4.0 · Source article